In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Чудни се патиштата Господови

Објавено на 06.01.2022 во 22:19

Чудни се патиштата Господови
 

„Секое зло е за свое добро“, вели една стара изрека која обично ја кажуваме во ситуации кога сакаме некого, или себеси, да се утешиме затоа што работите не се одвиваат според нашите очекувања, кога нешто губиме, кога ни се случуваат животните порази. Можеби повеќето од нас не ни размислуваат за значењето на изговореното: „Секое зло е за свое добро“. Но, ако почнеме да го анализираме тоа тврдење, можеби ќе предизвикаме курцшлус во нашата логика, бидејќи, ајде ќе ве молам, како злото може да биде причина за нешто добро? Како може да биде добро ако не ја добиеме работата што ја сакаме, ако не напушти некој во кој сме вљубени, ако сме болни ние или некој што ни е важен, ако од овој свет си замине некој кој ни е близок?“

Загубеното не можеме да го вратиме назад, но приказнава што сега ќе ви ја раскажам ќе ни даде одговор на некои од овие прашања. Значи, вака:

Некогаш, многу одамна, си растеле три стебла, мирно и задоволно, на еден рид во шумата. Се извишувале кон сонцето, ја слушале песната на птиците кои одморале на нивните гранки, се прилагодувале на правилата на игра кои им ги наметнувале годишните времиња и конечно, како и сите деца кои растат, си разговарале на тема: „Што сакаш да станеш кога ќе пораснеш?“.

Така, еден ден, занесени во своите фантазии и во разговорот, едното дрво си ја отворило душата и признало: „Ах, еден ден кога ќе пораснам, не сакам да завршам обично и неславно, во огништето на нечиј дом. Би сакал да остане некаков спомен од мене. Би сакал да станам скапоцен ковчег, опточен со злато и бисери, ковчег во кој луѓето ќе го чуваат своето богатство“.

Тогаш, второто дрво, се надоврзало во заедничкото сонување со отворени очи и рекло: „Не ти е лоша идејата. Ама јас сакам да станам нешто уште поголемо. Би сакал да станам најпознатиот брод кој ќе ги пренесува луѓето од еден до друг крај на светот. Сакам со мене да се возат сите најпознати фаци во светот, сите кралеви и кралици.“

„Хм, хм...Многу се обични вашите желби. Јас не барам земни работи“, се јавило третото дрво. „Би сакал да израснам во највисокото и најправото стебло на ридот. Така, луѓето ќе можат да ме видат од сите страни, и гледајќи во моите гранки, кои ќе го допираат небото, тие ќе се потсетуваат на Божјата големина.“

Поминале години, лисјата неброено пати растеле и паѓале од нивните гранки, дрвјата пораснале во најпрекрасните примероци од својот вид и еден ден му западнале в очи на дрвосечачот кој го обиколувал ридот во потрага по убави стебла. Тој дошол до првото стебло, поминал со својата рака по неговата кора и промрморел: „Ха, ова дрво ми изгледа доста цврсто. Сигурно столарот веднаш ќе го купи“, и почнал да го сече стеблото. А, дрвото киптело од среќа, убедено дека конечно ќе се исполни неговата желба, дека столарот ќе го претвори во скапоцен ковчег, опточен со злато и бисери, во кој, некои луѓе, ќе го чуваат своето богатство.

Кога дошол до второто дрво, разгледувајќи го од коренот до врвот, дрвосечачот си помислил: „Хм, ова дрво ми личи многу отпорно на вода. Сигурно веднаш ќе ми го откупат во бродоградилиштето“. Додека го сечел, второто стебло уживало во мигот, свесно дека неговиот детски сон се претвора во реалност. Дека конечно од него ќе стане прекуокеански брод кој ќе превезува познати фаци и крунисани глави.

Кога дрвосечачот дошол до третото дрво изговорил на глас: „Не знам што би правел од ова стебло, ама убаво е, највисоко и најправо од сите, чиниш со гранките го допира сонцето. Ќе го исечам и него, можеби ќе ми се најде за нешто“. Тогаш стеблото го полазиле морници, се уплашило од можноста да се остварат неговите најцрни стравови, да заврши како обично дрво за греење во огништето на некои непознати луѓе. Кога запците од пилата започнале да навлегуваат во неговата кора, тоа паднало во бесознание.

По некое време дрвосечачот му го продал првото стебло на столарот. Тој го превртувал од сите страни, го меркал, и на крајот оценил дека е најдобро да го искористи за правење јасли за хранење на добитокот. Јаслите потоа ги ставил во шталата и ги наполнил со сено. Ох, каков срамен крај за амбициите на првото дрво. Наместо како скапоцен ковчег за чување богатство, да заврши како сад од кој ќе се храни добитокот.

И желбите на второто дрво, да стане голем прекуокеански брод, биле сурово прекинати од судбината. Бидејќи, додека дрвосечачот го пренесувал кон бродоградилиштето, го виделе рибарите, кои ги отплеткувале мрежите покрај брегот, и му го откупиле. Па, од него направиле мало бротче за свои потреби.

Третото стебло, со кое не знаел што да прави, дрвосечачот го исекол на големи парчиња и го ставил во еден мрачен ќош од своето складиште.

Години поминувале и, помирени со својата судбина, стеблата заборавиле на своите неостварени соништа од младоста.

Но, тогаш се случило нешто што ги разбуричкало нивните сеќавања. Еден маж и бремена жена влегле во шталата каде што биле јаслите. Брзајќи да избегаат пред суровата наредба на нивниот владетел, тие не носеле ништо со себеси, барале само засолниште. Но, жената се породила и, немајќи каде, тие детето го ставиле во јаслите од кои се хранел добитокот. А, стеблото ја почувствувало необичната енергија на тукушто роденото дете, почувствувало дека тоа бебе ќе порасне во исклучителна личност и било пресреќно дека ја има таа чест во него да спие најголемото богатство на сите времиња.

Триесетина години подоцна, група луѓе влегле во рибарското бротче направено од второто стебло. Еден од нив бил уморен и отишол да спие. Додека пловеле, бротчето го зафатила жестока бура и стеблото станало свесно дека нема доволно сила да ги заштити луѓето кои ги пренесува. Но, тогаш луѓето од групата го разбудиле човекот што спие, а тој рекол: „Зошто сте толку плашливи и маловерни?“. Потоа станал, им заповедал на ветровите и на морето да се смират, и олујата престанала. Тогаш стеблото сфатило дека на неговата палуба се наоѓа најголемиот крал што некогаш постоел на Земјата, кралот на кој му се покоруваат силите на природата.

По неколку години, некој дошол до мрачниот ќош од складиштето на дрвосечачот во кој лежеле парчињата од третото стебло. Ги заковале и му дале на еден човек по име Симон да го носи крстот до ридот, кадешто требало да биде закован човекот од бротчето што ја смирил бурата. Тој бил плукан и исмеван за целото време додека не стигнал до врвот од ридот. Потоа, човекот бил закован и дигнат во вис, да умре на жешкото сонце. Откако умрел и по три дена воскреснал, третото стебло сфатило дека се исполнила неговата младешка желба: да биде највисоко дрво на ридот и кога луѓето ќе гледаат во него секогаш да се потсетуваат на Господ.

Што сакам да ви порачам, драги пријатели?

Сакам да ве потсетам дека само духовите од прва категорија ја читаат природата во оригинал. Пониските духови можат да ја читаат само кога е преведена на човечки јазик. Заклучокот од приказната е дека секое стебло, на крајот, добило тоа што посакувало, но не на начин како што тоа си замислило.

Затоа, кога работите не ни одат онака како што ние сме очекувале или посакувале, треба секогаш да имаме на ум дека Господ има план за секој од нас. Можеби неговите планови, во тој момент, ќе ни изгледаат неправедни и нелогични, ама, на крајот, ќе сфатиме дека тие биле најдобрите за нас. Единствено што ние треба да направиме е да истраеме во вербата, бидејќи прифаќајќи да го носиме својот крст на својот грб, ние ја остваруваме нашата животна мисија.

Виолета С. Марсол

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Шкорпиите. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне да ги откриете причинско-последичните врски меѓу вашиот минат и сегашен живот, ќе ви открие што се случувало во вашиот минат живот, како тоа се рефлектира на вашето однесување и на случувањата во сегашниот и која е целта на вашето раѓање.


Околу една и пол година пред да дојдам кај Вас ми се случи нешто страшно. Настанот го пребродив, но постојано ме вознемируваа прашањата “Господе што сум ти згрешила за да поминам низ такво нешто? Со што го заслужив ова, кога отсекогаш имав посебен однос спрема религијата?” Откако дојдов кај Вас добив вистинскиот одговор на сите овие прашања. Иако јас воопшто не Ви спомнав за овој настан, бев фрапирана кога меѓу првите работи од нашиот разговор ми го спомнавте. Преку наталната карта, а особено преку книгите кои ми ги посочивте да ги прочитам, успеав да добијам одговор на сите прашања. Повторно почнав да си го сакам животот, заедно со сите добри и лоши случувања во него, кои оставам да ме водат по патот на духовниот развој. Ви благодарам. 

С. М., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Шкорпија (тековен стил) Стрелец Јарец Водолија Риби