Како ретроградниот меркур ќе влијае на секој знак од хороскопот?
Невозможно е, непрецизно и несериозно ако сите луѓе и целата лепеза на карактери што постојат на земјата ги сместиме во само 12 различни категории претставени со 12-те хороскопски знаци, знаејќи дека секој човек е уникатна креација на Божјата љубов и промисла. Оттаму, само Наталната Карта и помошните хороскопи (соларен и сл.) можат да покажат дали и како ретроградниот Меркур ќе делува кај една конкретна личност. Меѓутоа, ако ја сфатите астрологијата полежерно и ако не барате врвна прециозност, тогаш е доволно да го знаете својот подзнак (Асцендент) за да откриете како би можел ретроградниот Меркур да се одрази во вашиот живот. Повторувам, треба да го прочитате текстот што одговара на вашиот подзнак и информациите да ги комбинирате со текстот што одговара на вашиот знак. Овен Во периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 би можеле да се соочите со проблеми на работното место. Можно е да ви недостасува концентрација и да ви треба повеќе време за извршување на работните обврски. Стрпливоста никогаш не била ваша силна страна. Но, во овој период ќе ви биде исклучително тешко да го контролирате својот темперамент и отровниот јазик, што нема да ви биде толерирано од страна на колегите. Она што сте очекувале на професионален план веројатно нема да се оствари, што дополнително ќе ве фрустрира и ќе ве натера да се чувствувате дека ништо не ви оди од рака. Со цел да не дозволите ситуацијата да стане полоша отколку што реално е, би требало да се воздржите од групирања на работното место и од озборувања на колегите и претпоставените. Исто така, можно е да се вратат здравствените проблеми поврзани со респираторниот систем. Бик Во периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 би можеле да се вратат старите проблеми во вашиот љубовен живот. А, можно е да доживеете што значи судир на генерациите во односите со вашите деца. Затоа, би било пожелно сто пати да размислите пред нешто да му кажете на партнерот или децата, со цел да не ги повредите нивните чувства. А, што се однесува до вашите чувства, нема да бидете повредени ако не ги сваќате работите премногу лично. Близнаци Ретроградниот Меркур би можел да ги активира старите, неразрешени проблеми што ги имате во односите со членовите од вашето семејство, во периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 година. Имајте на ум дека она што ве мачи нема да помине само од себе додека вие ја држите „главата во песок.“ Сепак, паметно е да се стрпите и да почекате да помине неповолниот период, а потоа побарајте решение за вашите семејни проблеми. Ќе видите дека дури и за она што во прв момент ви изгледало ненадминливо, секогаш има по неколку добри решенија. Исто така, можно е да имате непланирани трошоци за мајстори или обврска да платите камата на неплатените сметки. Посебно ако сте родени во периодот од 21-ви мај до 2-ри јуни. Рак Во периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 година би требало да бидете исклучително внимателни каде одите, со кого се дружите, што им кажувате на оние што ги сметате за блиски. Посебно на социјалните мрежи. Тоа ќе биде начинот да ги амортизирате проблемите што би можеле да ги имате во комуникацијата со браќата, сестрите и соседите. Но, и да се заштитите од манипулации и кражби. Исто така би требало да покажете зголемено внимание како учесник во сообраќајот, со што ќе ги избегнете и евентуалните казни за сообраќајни прекршоци. Но, под влијанието на ретроградниот Меркур би можеле да имате и проблеми со компјутерот, телефонот или при полагањето на испитите. Лав Вие, и онака, го сакате најдоброто за себе и за тоа не жалите да дадете купче пари. Меѓутоа, во периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 ќе трошите со брзина на светлината. Но, не на работи што ви причинуваат задоволство, туку на нешта кои ниту сте ги предвиделе ниту сте ги планирале. Во ситуацијата што ќе ве снајде најхаотични ќе бидат родените на 21-ви и 22-ри август. Девица Вие кои сте крајно пресметани, со аналитична мисла, во периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 би можеле да се чувствувате збркано, дезориентирано, како да сте надвор од својата кожа. Илјадници мисли ќе ви минуваат низ глава. Но, ќе ви недостасува моќта да ги артикулирате во крајна цел која би била во ваша корист. Имајте на ум дека ако се обидете да излажете или со манипулации да се спасите од одговорноста, тоа, подоцна поскапо ќе ве чини. Во суштина, луѓето ќе ви одат на нерви, а и вие ним. Како и да е, внимавајте како се однесувате и што зборувате пред луѓето, бидејќи би можеле да се соочите со реперкусии за јавно изречениот збор. Највидливи последици од ретроградниот од на Меркур би можеле да имаат родените меѓу 23-ти август и 4-ти септември. Вага Вие веројатно најлесно ќе го пребродите периодот кога Меркур ќе биде во назаден од, освен ако не ви пречи мрзоволноста и летаргијата кои ќе ве обземат. Како резултат на истите , ќе ви биде тешко да се вклопите во секојдневната рутина и да го одржите чекорот со настаните кои ќе се менуваат како на филмска лента. Всушност, често ќе се случува во важни моменти да бидете отсутни со духот, обземени од анализата на вашите постапки во минатото и од прашањата дали, каде и колку згрешивте. Обземеноста со мисли би можела да ви го намали квалитетот на сонот. И можеби е добро што сонот нема да ви доаѓа на очи, бидејќи така ќе имате поголема будност за некои луѓе кои ќе ви работат зад грб. За да се заштитите од предавства отворете четири очи и проверете ја лојалноста на оние што ви се претставуваат како пријатели, а се родени во знакот Близнаци и Девица. Шкорпија Под влијанието на ретроградниот Меркур вашите планови би можеле да трпат одложување или ќе треба да направите промена на приоритетите во животот, во периодот меѓу 13-ти август и 5-ти септември 2017 година. Вие по природа сте недоверливи. А, сега е пожелно тоа да ви биде правило во комуникацијата со пријателите, кои ќе се појават со примамливи понуди за вас. Не заборавајте дека она што ќе ви личи дека е премногу добро да биде вистина, најверојатно и нема да биде вистина. Стрелец Периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 година ќе го доживеете како време исполнето со многу нервози и неизвесност. Меѓутоа, и покрај тоа што за вас важи изреката „што на ум, то на друм“, овој пат, за вас би било попрофитабилно да си го сочувате мислењето за себе и потезите да ги влечете со голема доза на смиреност и старечка мудрост. Така ќе ги избегнете евентуалните штети што самите би можеле да си ги нанесете на кариерата, која здушно ја градите во изминатиов период. Имајте во предвид дека, според некои стари традиции, тој што ќе ви ги пренесува озборувањата е поголем грешник и од тој што ги создава и шири, со цел да му наштети на вашиот углед и кариера. Ова посебно се однесува на родените меѓу 22-ри ноември и 3-ти декември. Јарец Постои можност во периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 година да биде одложено некое ваше патување или пак да имате компликации поврзани со патните документи, визите, да загубите багаж на патување во странство, да се соочите со проблеми заради непознавање на законот на земјата домаќин. Ако сте странка во судски спор, подобро е да го одложите рочиштето, бидејќи би можеле да се соочите со непланирани околности кои неповолно би се одразиле на вас. Ако сте студенти, можно е да ви опадне концентрацијата и со мака да ги полагате испитите или пак да ви биде одложено полагањето. Водолија Во периодот од 13-ти август до 5-ти септември 2017 година би можеле да потрошите повеќе пари отколку што сте планирале. Тоа што ќе потрошите за ваше задоволство не го жалете, бидејќи смислата на поседувањето пари е токму да ви обезбеди чувство на сигурност, слобода и можност да купите работи кои ви причинуваат задоволство. Меѓутоа, со цел да не излезете „насамарени“ и искористени, би било пожелно да се воздржите од давање или барање пари на заем. Исто така, проверете дали сте ги платиле сите сметки и дали сте ги подмириле сите рати од кредитите. Постои можност да платите камата на заборавени сметки или за извршител. Риби Ретроградниот Меркур би требало да ги разбранува и да донесе нестабилност во вашите партнерски односи. Уште повеќе ако сте во брак. Во тој случај судирот на мислењата е речиси неизбежен. Кој што кажал, кој што мислел, кој лажел, а кој е олицетворение на вистината, ќе бидат темите околу кои ќе ја водите вашата „војна на Роузови.“ Победник ќе биде оној кој ќе ги закачи боксерските ракавици на клинец и ќе чека до 5-ти септември 2017 година да помине бурата што ја создаваат вибрациите на Меркур. Исто така, пожелно е да внимавате како се однесувате на јавни места, со цел да ја избегнете осудата за јавно изречен збор или постапка. Додека ако сте странка во судски спор ќе биде подобро да го презакажете рочиштето. Посебно ако сте родени во периодот од 19-ти февруари до 2-ри март.
 Регистрирано во Македонска Авторска Агенција под реден број 970 Скопје Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот. Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
|