In English

En français

Говорот
на Судбината

Барате одговор на некое прашање? Треба нешто да одлучите а немате со кого да се посоветувате?
 
Кликнете на Книгата...

Останати теми:

Мое гледање на Астрологијата

Астролошките сајтови


Никој не избегал

Школо за новата реалност

Среќата го менува знакот

Седум фази

Плутон во Водолија

Господарот во матни води

Одиме на Марс

Кој сее ветер

Да сум јас некој

QUO VADIS MACEDONIA?

Никој не е совршен

Кај се тие времиња?

Сакам да се дружам само со убави луѓе

Лопови, Овци, Научници и Мистици

Црешовиот цвет

Кога ќе се сретнат Среќата и Фантазијата

Тест за пријателство

Сакај ме повеќе од се на светот

Денот на Свети Валентин

Победа на животот над смртта

Зошто славиме на 14-ти јануари

Чудни се патиштата Господови

Вашиот маж е вашето огледало

Зошто нашите желби не се исполнуваат?

Катарза на стравот од смртта

Што не спречува да бидеме среќни?

Зошто жените сакаат да личат на Џокер?

Убиство со збор

Кога бракот не е консумиран

Ретроградниот Меркур наш слуга

Кај што денот ја љуби ноќта

Кога ќе го преспиеш животот

Нејзиното Височество, Госпожа Карма

Те снаоѓа тоа...

Лоши работи, добри луѓе

Другата страна на надежта

Зошто е болно човештвото?

Дали најде радост

Пет чувари на бракот

Љуби, љуби, ама глава не губи

Во музиката е лекот

Ретроградниот Меркур работи за нас

Супер Цветна Крвава Месечина

Очи во очи со Кармата

Ниедна тајна не останала вечно скриена

Јупитер во Риби

Кога ќе се појавиш љубов моја?

Знаете ли кое е најдоброто патување?

Дај му го на другиот

Соковите на љубовта

Објавено на 21.04.2021во 00:19

Соковите на љубовта
 

(Вистинска приказна од мојата пракса)

 

Пред некој ден случајно прочитав една мисла за љубовта кажана од дете кое оди во градинка. На прашањето: „Што е љубовта?“, мудриот петогодишник одговорил: „Тоа е кога соковите на љубовта ќе ти го преплават мозокот. Па, мозокот ќе ти се претвори во срце.“

Има ли нешто поточно од овој опис на малиот Буда? Оваа вистина што разорува ме потсети на зборовите на Исус кој вели дека „Ако не си како дете, не можеш да влезеш во царството небеско“ и ме натера на размислување.

Што значи да бидеш како дете?

Дали тоа значи да се однесуваш несериозно, незрело или глупаво? Секако не. Бидејќи, одговорот на малиот философ е далеку од глупав и личи како есенција на вистината. Но, и за многу од децата што јас ги познавам би рекла дека се попаметни од нивните родители. А, некои од нив се дури и посериозни. Единствено што им фали е километражата од искушенија, радости, љубови и таги што ќе им ги донесе животното искуство. Затоа, ако се потрудам да чекорам во чевлите на едно дете и да размислувам како детето што некогаш и јас бев, а кое сега дреме во моето срце, би рекла дека „да бидеш како дете“ веројатно значи дека твојот ум треба да биде во контакт со твоето срце, ослободен од предрасуди. Да бидеш дете подразбира да живееш во сегашниот миг, без да размислуваш на утре. Дете си кога го правиш само она што те радува, кога отворено ги покажуваш чувствата. А, најмногу те прави дете кога си бескрајно креативен и веруваш во чуда.

Кога подобро ќе размислам, токму такви беа децата што ги знам додека не започнаа да одат на училиште и додека ние, возрасните, не се потрудивме да ги „ставиме во ред“. А, такви бевме и ние, додека нашите родители, средината, училиштето, општеството и времето во кое растевме не не обликуваа според нивните потреби и според нивните сфаќања за тоа какви треба да бидеме. Нашите пак родители, како млади ластари, беа виткани од нивните родители, средина, општествени услови и така до почетокот на светот. Меѓутоа, со нашиот порив да ги ставиме во ред, ние ги оттргнуваме децата од нивната суштина која е најблиска до Бога и до вистината. Бидејќи, како што вели Станислав Јиржи Зец: „Хаосот е хармонијата која е уништена при создавањето на светот.“

Уште потажно е кога ќе сфатиме дека сите ние сме биле потенцијални философи и мудреци, додека возрасните не не моделирале според своите потреби и според својата слика за тоа што е добро или лошо во времето во кое живееле. Бидејќи и претставите за тоа што е добро, а што лошо, што е убаво а што грдо, се менуваат според културата и времето во кое една личност го минала школото наречено живот. Оваа појава ја забележал уште Цицерон и ја синтетизирал во реченицата: O tempora, o mores. Сепак, некои од нас, за среќа на сите останати, се оттргнале од влијанието на родителите и општеството и ги развиле своите капацитети до максимум. Како што е Тесла, на пример. Меѓутоа, и многумина што се оттргнале од течението, а притоа немале вистинско водство во процесот на растењето и созревањето, завршиле трагично.

Но, да се вратам на генијалната мисла од почетокот на приказната, дека „кога некого сакаш, соковите на љубовта го преплавуваат мозокот и тој се претвора во срце“. Оваа мисла ме потсети на животната приказна на Тања.

Тања беше симпатична мињонка. Не беше убавица, но се однесуваше како да е најубавата жена на светот и тоа ми беше интересно. Потекнуваше од уметничко семејство и самата имаше професија која, на некој начин, има допирни точки со уметноста. Зборуваше мазно и развлечено, но авторитативно. Со нејзиното однесување како да сакаше на соговорниците да им стави до знаење дека таа е подобра од нив. Беше во врска со ист човек веќе десетина години и ја имаше поминато четириесеттата година од својот живот. Кај мене беше дојдена по препорака од своја пријателка. Додека и ги раскажував деталите од нејзината Натална Карта, правеше духовито саркастични коментари за себеси, како да зборува за некој друг, со што ми откри дека е натпросечно интелигентна личност, дека има одлично образование и дека има вкус. Бидејќи, духовит човек може да биде само оној што е натпросечно интелигентен, добро образован и со изграден вкус.

Меѓутоа, нејзината Натална Карта покажуваше дека заради тоа што нејзиниот татко бил исклучително успешен, но незаинтересиран за домот и децата, таа ќе го крие во себе стравот дека не е доволно добра да биде сакана, на кој беше накалемен стравот да му се предаде на мажот што го сака. Па, со цел да се растраши, требаше да влегува во врски со мажи кои, на некаков начин, ќе бидат полоши од неа, дали според потеклото, дали според изгледот или според образованието. Дури беше можно да стапи и во брак со таков човек.

Но, постоеше опасност таквиот брак да не го положи испитот на времето. Бидејќи, по освестувањето од првичниот љубовен занес, кога соковите на љубовта ќе го напуштеа мозокот, постоеше голема веројатност нејзиниот сопруг да и стане како огледало кое секогаш ќе ја потсетува дека не вреди доволно штом избрала партнер под своето ниво. Од друга пак страна, нејзиниот сопруг, со текот на времето требаше да започне да ја презира, бидејќи таа кон него ќе се однесува со потценување.

Тања гледаше во мене со втренчени очи обидувајќи се да процени дали и колку може да ми верува за да си ја отвори душата. А, потоа, веројатно оценувајќи дека нема да ја злоупотребам нејзината доверба ја отвори пред мене вратата што води до нејзините најскриени мисли и тајни: „Точно, јас живеам десет години со еден човек, но не сум во брак со него. Точно, тој потекнува од семејство со далеку понизок социјален статус од оној на семејството од кое што потекнувам јас и работи нешто што е под моето професионално ниво. Токму затоа не правевме свадба. Не сакав да ги срамам моите родители пред нивните пријатели. И сега се прашувам дали згрешив што потрошив 10 години од мојот живот со него?“

„Дали си формално во брак или не, тоа не е важно ниту во очите на Бога ниту за астрологијата“, се уфрлив јас во нејзиниот монолог, „Бидејќи, штом некој живее со некого под ист покрив, според правилата и на Бога и на астрологијата, се смета дека е во брак со таа личност. Тоа што некој има понизок или повисок социјален статус е менлива категорија, бидејќи имало кралеви кои завршувале како робови и обратно. Она што е важно е дали ти го сакаш тој човек и дали имате исти цели во животот? Одговорот на ова прашање ќе ти покаже дали си згрешила што си потрошила 10 години од својот живот со тој човек.“

На овие мои зборови Тања како да живна, нејзиното лице се развлече во насмевка и доби озарен изглед додека се присетуваше на првите денови од својата врска со Славе.

„ Се запознавме додека бевме на работа во една азиска земја со пустинска клима. Бевме малкумина нашинци и јас им бев шеф. Деновите ни поминуваа исполнети со работа. Но, тешко беше кога ќе паднеше ноќ, а беше врело и не се спиеше. И така, додека секоја вечер седевме надвор и чекавме температурите да паднат и воздухот да се излади за да можеме да заспиеме, збор по збор, по некоја чашка виски, ѕвезди и месечина, млади двајцата, хормоните вријат и така не забележав кога нашите вечерни сеанси завршија в кревет. Кога се свестив што правам со мојот подреден работник, си реков: „Ај, додека сме тука каде што никој не не знае, нека трае. Но, кога ќе се вратиме во Македонија, разделени со статус, работа, кругови во кои се движиме, секако дека нашата врска сама од себе ќе прекине.“

Јас молчев за да не и го прекинувам погледот кон минатото, а Тања продолжи:„Ама како викаат? Есапот дома не излегува на пазар. Така јас не можев да ја прекинам врската со Славе, иако ни пред себеси не си признавав дека толку многу го сакам, а камоли пред него. Се однесував како кралица што тој не ја заслужува и треба да е среќен што го дели воздухот со мене. Се најдов меѓу два огна, од една страна беше моето семејство, од друга страна мојата љубов. Многу пати се обидував да го испровоцирам тој да ме напушти, го потценував, му се потсмевав пред пријателите, но тој не потклекна. Ги помина сите тестови.“

„Добро“, го преземав разговорот јас „Гледам дека пред две години главните случувања во твојот живот биле на план деца, бременост, вонбрачни или подметнати деца. Па, дури постоела шанса и за фантомска бременост. Зарем овие случувања не го сменија твојот однос кон Славе?“ Тања го подзатвори едното око како златарот кога ја проверува вредноста на скапоцениот камен, трудејќи се да процени од каде би можела да ја знам таа информација. А, кога сфати дека не постои шанса за такво нешто, одговори:

„Јас сум шокирана дека и тоа може да се види во тоа крукче со десетина планети. Ама точно е. Со години сакав да имам деца, ама не се случуваше да забременам. Ситуацијата на работното место стануваше потешка. Јас, заради образованието и врските успеав да се префрлам на ново работно место. Но, Славе ја загуби работата и мораше да замине во странство, на покана на еден наш колега кој започна приватен бизнис. Пред две години кога Славе дојде на одмор, додека му го распакував куферот пред нозе ми падна една фотографија на која беше сликан со некоја трудна, млада, згодна жена. Нозете ми се пресекоа. Мојот Славе со ваква жена? А, јас мислев дека сум премија за него.

„Уау, тоа е баш низок удар. Ама од каде знаеше која е таа жена? Може му била пријателка, колешка“, забележав јас.

„Каква пријателка, колешка? Таму каде што работи има само мажи, а жени можат да најдат само во некој бордел. Светот ми се сврте. Дека здодевните ноќи може да ги прекратува со такви жени, ајде и да разберам. Ама жената на сликата беше трудна. Потоа, откако се прибрав и размислив, ми изгледаше како многу женска постапката да му подметнеш на мажот што го сакаш, а кој е неодлучен, фотографија во куферот, за да може да ја види другата жена и таа да се откаже од него, а ти да излезеш како победничка. Ама нашла со кого да се пресметува. Јас не сум толку наивна и никако не сакам да покажам слабост. Затоа, ја вратив фотографијата во џебот од неговите панталони и решив да се правам дека ништо не знам. Но, во тој миг одлучив дека по секоја цена мора да забременам за да го задржам за себе. Уште повеќе што веќе имав 40 години и го фаќав последниот воз да станам мајка.“

Додека се обидував да замислам што би направила јас во таква ситуација, Тања ја продолжи својата исповед:

„Потоа, заминавме на одмор. Јас, уплашена дека ќе го загубам се однесував позаводливо отколку обично. Сакав да се запечатам во неговата душа, за кога ќе треба да избира, повторно да ме избере мене. И замисли. Откако се вративме од одмор, тој се врати на работа во странската земја. А, јас не добив менструација. Ни првиот ни вториот ни третиот месец. Веќе од четвртиот месец стомакот започна да ми расте. Јас уживав во бременоста. А, Славе не знаеше што да прави од радост. Велеше дека ќе се врати кога ќе му истече договорот и ќе се обиде тука да најде работа.“

„Добро, а на лекар не беше ли?“ се чудев јас, бидејќи пред мене имав интелектуалка.

„Во првиоте месеци не отидов, бидејќи слушнав дека прегледот може да му наштети на плодот. Потоа, не добивав менструација и секојдневно повраќав, што ми беше доволен доказ дека сум бремена. А, потоа почнаа да ми се зголемуваат и градите. Кога конечно отидов на гинеколог, стомакот ми беше веќе поприлично голем. Затоа, сите останавме шокирани и лекарот и сестрата и јас, кога гледајќи ме на ехо, лекарот рече дека не гледа плод во мојот стомак. На крајот излезе дека од преголема желба да имам дете мојот организам ја симулирал бременоста полнејќи се со течност.“

Додека ја гледав со сочувство обидувајќи се да замислам низ какви шокови и маки поминала, Тања ја продолжи својата приказна:

„Значи, точно е тоа со фантомската бременост што го гледаш во мојата Натална Карта. Сега ме интересира кога повторно ќе останам бремена и дали воопшто ќе имам деца, бидејќи имам 42 години?“

„За среќа, за две години повторно ќе имаш шанса за бременост“, одговорив задоволно јас.

„Леле на 44 години!!!“, извика Тања „А, дали ќе биде со Славе или со некој друг?“

„Е, тоа ѕвездите не го покажуваат, тоа зависи од тебе. Шанса и за љубов и за бременост ќе имаш. Но, дали ќе ја искористиш или не и со кого, тоа е веќе твој избор. Ѕвездите само укажуваат на можните настани, а човекот е тој што избира што ќе направи во дадена ситуација.

Поминаа четири години до мојата следна средба со Тања. Кога ја отворив вратата од мојата канцеларија пред мене стоеше една насмеана, подмладена верзија на онаа Тања што јас ја паметев, иако веќе имаше 46 години. И што е најважно, таа беше посрдечна отколку претходниот пат. Косата ја беше обоила во посветла нијанса, ја сменила фризурата и стилот на облекување. Изгледаше и помладо и поопуштено од обично. На моето прашање што се случи пред две години, во периодот кога имаше шанси да остане остане бремена и да и се случи љубов, ми одговори:

„Е, па ми е случи љубов.“

„Супеер, значи конечно ти процвета врската со Славе?“, изреагирав јас.

„Хахаха... Ми се случи љубов, ама не со Славе. Последните две години од нашата врска ги поминавме не изговарајќи ни збор. Кога ќе се вратеше од пат му го распакував куферот како обично, му ги перев алиштата, јадевме заедно, но постојано молчевме. Јас не му кажав дека знам за неговата тајна. Очекував да го здоболи тоа што сум ладна. Па, да не може повеќе да издржи, да се скрши и да ми каже дека само мене ме сака и дека не може да живее без мене. А, тој? Тој не знам што си мислел? Можеби се прашувал како да ме остави, а да не му тежам на совеста.“

„Зошто мислиш така?“, се обидов да бидам гласот на разумот.

„Па, никогаш не ми рече дека не ме сака и дека треба да си одам. Меѓутоа, никогаш повеќе ние не се ни бакнавме, а камоли да водиме љубов. Пред две години во куферот му пронајдов женски бикини на кои се уште имаше песок и слика од него, од трудната жена која сега беше фит и која во рацете држеше девојченце кое дуваше 4 свеќи на торта. А, девојчето? Глава скината од Славе.“

„Сигурно тоа бил тежок удар за тебе?“, прашав иако го знаев одговорот.

„Па, веќе психички се подготвував за такво нешто од моментот кога ја открив првата фотографија. Но, никогаш не му реков ништо, ниту тој мене. Потоа, Славе се врати во Македонија. Со човекот кој му беше газда отворија заедничка фирма и сега најдобро работат во регионот. Се наполнија со пари. Ако, заслужуваат. Големи работници се и професионалци. И мене да ми треба услугата што тие ја нудат, би се обратила само во нивната фирма. Сфатив дека тоа што седам со него нема да ми го врати и дека не добивам ништо што го терам да живее двоен живот. Му кажав дека ќе си одам. И мислам дека тогаш му падна камен од срцето. Се договоривме да ми даде половина од цената колку што вредеше станот што заедно го купивме и тоа е се. Но, во истиот период, на мои 44 години, како што ти ми кажа, се вљубив во еден човек кој е оженет и е 12 години помлад од мене. Уживам во врската со него, станав моторџика на стари години... Хахаха... Убаво ми е и не планирам што ќе биде во иднина. Туку, ме интересираше дали ќе го добијам унапредувањето што го очекувам?“...

Да, Тања го доби унапредувањето, како што очекуваше и како што потврдија ѕвездите. Јас пак кога ќе се сетев на неа или кога ќе го чуев името на фирмата на нејзиниот несуден сопруг, секогаш се прашував дали нивната сторија можеше да има друг крај? До моментот кога наидов на оваа поучна приказна од Коељо, која ми го даде одговорот. Таа оди вака:

Учителот ги прашал своите ученици:

„Деца, знаете ли зошто луѓето викаат кога се лути?“

„Затоа што го губат трпението!“, како од топ одговориле учениците.

„Но, зошто треба да викаш ако другата личност се наоѓа покрај тебе?“, бил настојчив учителот.

Учениците тогаш останале без текст. За да им ги скуси маките учителот ја прекинал тишината.

„Значи, да ви појаснам. Кога две личности се караат, нивните срца многу се оддалечуваат. Затоа, мора да викаат, за нивниот глас да ја премости таа оддалеченост и да можат да се чујат.“

„А, знаете ли што се случува кога двајца се сакат?“

„Тие си шепотат тивко меѓу себе, бидејќи оддалеченоста меѓу нив е мала. А, по некое време не мора ниту да зборуваат, бидејќи нивните срца се разбираат.“

Јас тука, драги пријатели, би додала дека луѓето понекогаш престануваат да зборуваат не само кога се сакаат, туку и тогаш кога оддалеченоста меѓу нивните срца ќе стане толку голема, што се претвора во рамнодушност. А, рамнодушноста е полоша и од лутината и од кавгата. Бидејќи, во лутината и кавгата има емоции и комуникација. Додека: „Рамнодушноста е парализа на душата, нејзина предвремена смрт“, како што би рекол Чехов. А, каде што душата умира, умира и љубовта. Затоа, никогаш не дозволувајте соковите на љубовта да го напуштат вашиот мозок. Бидејќи, тогаш од него ќе исчезне и вашето срце.

Виолета С. Марсол

 

 
 
Регистрирано во Македонска Авторска Агенција
под реден број 970 Скопје
 
Ниту еден дел од овој текст не смее да биде препечатуван, копиран или објавуван во било која форма или на било кој начин во електронските или печатените медиуми, без писмена согласност од авторот.
Недозволеното репродуцирање се казнува со закон.
 

Изгледот на страницата одговара за Шкорпиите. За да изберете друг изглед на страницата, кликнете во табелата што се наоѓа погоре.


Дознајте дали сте типичен претставник на вашиот знак.
Направете го овој тест.


Вашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви помогне

радикално да го подобрите вашиот животВашата Натална Карта на Астроскопиа ќе ви открие кој е вашиот идеален партнер, како се однесувате во љубовта и сексот, зошто секогаш привлекувате одреден тип на личности и како можете да го подобрите својот љубовен живот.


Вистината што извираше од првите страници на мојата натална карта ме скамени. Цела недела ми беше страв да продолжам со читањето. Сепак, љубопитноста победи. Имав што да научам за себеси. 

Борис П., Скопје


Зачленете се тука за да можеме да ве информираме секогаш кога ќе имаме нешто ново.


Општи прашања и коментари за Астрологот. (Доколку имате лични прашања, одете на страницата Совети.)


© 2005-2024
Виолета Марсол
Сите права се задржани

Насловна страна | Знаците и... | АстроПортети | Натална Карта | Детски Хороскоп | Љубовен Хороскоп | Бизнис Хороскоп | АстроСовети

Насловна страна Знаците и... АстроПортети Натална Карта Детски Хороскоп Љубовен Хороскоп Бизнис Хороскоп АстроСовети Овен Бик Близнаци Рак Лав Девица Вага Шкорпија (тековен стил) Стрелец Јарец Водолија Риби